Со големата победа во шестдневната војна со Грузија, Русија покажа кој е газда на Кавказот. Моќниот двоец во Кремљ, Медведев - Путин, не можеше да посака поубава прилика од намерата на грузискиот претседател Михаил Саакашвили со воена сила да го покори проблематичниот проруски регион, Јужна Осетија, за повторно да ја исцртаат црвената линија на своите стратешки интереси и молскавично ја испрати руската 58-ма армија во Јужна Осетија за формално правно да ги заштити своите сонародници и мировници.
Зошто Саакашвили сосем сам влезе во самоубиствената воена авантура, сега веќе и не е толку важно, колку што е важна цената која неговата земја, судејќи според се, ќе мора да ја плати.
Саакашвили ја отвори Пандорината кутија гранатирајќи го и заземајќи го Цхинвали и затоа ќе остане и без Јужна Осетија и без вториот бунтовнички регион, Абхазија.
Саакашвили, и покрај својот апсолутизам, кој во ништо не се разликува со апсолутизмот на Милошевиќ, беше миленик на Западот, пред се миленик на Џорџ Буш. Русија не ја криеше својата нервоза од најавеното приближување на Грузија во НАТО и со тоа, кон нејзините граници. Москва се реши да ги покаже мускулите користејќи го како изговор неразбирливиот напад на Саакашвили на денот на отворањето на Олимписките игри во Пекинг.
Дали Западот сакаше да ја тестира Русија користејќи го Саакашвили е прашање без одговор. Факт е дека Вашингтон и западните центри, па дури и нивните медиуми, не знаеа како да реагираат на рускиот воен одговор. Ја премолчија грузиската операција во Јужна Осетија, а кога таа доживеа големо фијаско, тргнаа обвинувањата за прекумерна употреба на сила од страна на Русија и наводната намера на Русија да ја смени прозападната власт во Тбилиси.
Грузија побара примирје пред моќната западна медиумска машинерија да добие шанса да проработи со полна пареа. Москва, од друга страна, ги искористи бројните аргументи кои САД и западните земји ги користеа во политиката последната деценија, од Косово, па се до Ирак.
Американскиот Претседател и политиката на неговата администрација беа нокаутирани во вербалната амбасадорска војна во Советот за безбедност на ОН.
Косово, Србија, Ирак, Авганистан беа контрите на Чуркин, кој неговиот колега Харизат едноставно мораше да ги слуша.
Клучната порака која на светот му ја испратија Путин и Медведев е дека новата, економски моќна Русија ќе ги употреби сите средства за да ги оствари своите стратешки интереси, и тенковите ако тоа е потребно.
САД секако, никогаш нема да влезат во војна со Русија заради Грузија, а во моментот Буш нема ништо силно во ракавот за да и возврати на Русија. Со тоа ќе мора да се соочи новата американска администрација, без оглед дали ќе ја предводи Обама или МекКејн, а решението ќе мора да го бара во признавање на легитимните стратешки интереси на Русија.
Токму затоа, победата на Русија во Грузија, или можеби поточно, за да се каже на моќниот Владимир Путин, е целосна, на воен, стратегиски и политички план.
Сафет Бишевац - A1 Televizija
- There are no comments yet
|
Stats |







